My Writings. My Thoughts.

Вистински маж

// јануари 17th, 2012 // 3 Comments » // лично, поезија

Вам

кои вечерва ме следевте немо

припиени

простете што не сакав повеќе

да ви дадам

можевте да останете мамурни

на моето рамо

иако не се гледаше

Немаше никаква потреба

од соблекување

ах

колку погрешен начин за

водење љубов е тоа

тоа не смее да се прави

набрзина

Признавам ниту вам жените

не ви е лесно откога

бевте создадени

заради човечките недостатоци

од секој погрешен човек

да создавате

вистински маж

На кратко

// јануари 15th, 2012 // 2 Comments » // лично, поезија

Ќе морам да се тргнам на кратко

прикажувам лажен лик и

податоци

дури и јас да не знам каде сум

кога ќе ме прашате каде сум

Ќе си играм на брегот

ќе мечтаам меѓу прстите ќе ги

пропуштам сеќавањата

ќе создавам небесни тела

од бранови

зашто тоа е можно

Можеби пак ќе научам да пливам

и летам

може пак ќе ме сакате

може нема да се сретнеме

никогаш повеќе или

да жалиме што не сме се

сретнале порано

Во прегратка

// јануари 13th, 2012 // No Comments » // лично, поезија

YouTube Preview Image

Играјќи во насока спротивна

на стрелките што се

вртат

ниту го враќаме

времето наназад

ниту пробуваме да го

сопреме

Излегуваме и се враќаме

твоите очи се затворени

јас сум подалеку од што

можеш да замислиш

Во прегратката

твојот допир наспроти

мојот

не брзаме

вечерва нема приказна

за добра ноќ

а може пак да се сонува

Твоите затворени очи

вон времето

моите мисли вон

просторот

Една прегратка меѓу

сите други прегратки

на една иста песна

Толку обично толку

волшебно и секој збор

што следи е

вишок

Секој ден

// јануари 11th, 2012 // 2 Comments » // лично, поезија

Секој ден ќе те заведувам

и ќе ти се предавам сосема

ќе те напуштам и секој ден

пак ќе ти се враќам

Секој ден ќе ти се претставувам

и ќе разменуваме броеви

очекувајќи кој попрв ќе се јави

Секој ден ќе ме бозбудува

линијата меѓу плешките

на твојот грб

налик сечило од кама

и не само тоа

И секогаш ќе е достојно

преку ребрата да ми оставаш

модри отпечатоци од

твојата уста наместо

сите можни одликувања

бивајќи ти потреба

распевајќи те и во сите положби

штимајќи ти ја пичната жила

само за твоето треперење

од задоволство

Секој ден ќе ти правам

се што знам

штом во раце те земам

Изјава за Дневник

// јануари 2nd, 2012 // 2 Comments » // лично, поезија

YouTube Preview Image

четврток, 29.XII. 2011.

Плоштад Македонија, клупата кај Култура

Додека седев со слушалки во ушите, слушајќи ги ЕКВ (нешто од нивните доцни дела со темни теми), некои копиљаци фрлија петарди и тоа им изгледаше смешно. Работниците ги допокриваа непокриените делови од огромната фонтана ставена во зимски сон. Помеѓу тезгите со ДедоМразовци, продавачи на костени, честитки и слично, се муваа минувачи и еден камерман и репортер. Сигурно ги драпаа минувачите што би рекле за веќе минатата година а што би помислиле за оваа што доаѓа. Претпоставував дека ќе ме начекаат со вакво прашање. Барем така ме начекаа лани. Првото што ќе им го речев ќе беше онаа реплика на Кили во улога на Исус од Тетовирање…

Она што ќе го речам телевизија не го пушта

што сакате да чуете

сакате да знаете колку е прекрасно

ќе ви го речев тоа ако немав совест и ич око

немаше да ми трепне

отсекогаш искрено сум посакувал идната година

да тргне на подобро

оваа година конечно нека тргне на полошо

ако не не слушало досега нека не не чуе ни овој пат

кој го знае

што ви е важно што посакувам

можеше да станеме пријатели на Фејсбук

па да ме анализирате и ќе сфатите

како одлучно глумам

со намера да не ме заебаваат секакви

зашто ако сакав да бидам славна фаца

ќе бев и тоа како ќе бев

Но вие сакате да ви речам нешто

се радувам што ќе нема избори

ќе се радувам уште повеќе ако давате

добри документарци во ударен термин

ако ме оставите да се доискажам на пример

ако ми објасните зошто станувам параноичен

гледајќи ги сите камери наоколу

прашувам дали кога спијам сонот ми останува

неснимен неанализиран некласифициран

неархивиран

Ќе ви речам се ќе ви речам

иако на сето тоа ќе му се опне цензура

не сум бил речиси никаде и не сум видел

речиси ништо

можеби и не знам ништо еба ли го

вие сеедно сакате да знаете

Само помислете што е потребно

митовите само ќе добијат нови ликови

уште доброволни мртовци за пропагандни цели

некој си Исус за еден ден

што ќе биде убиен само заради тоа

што невнимателно кажал малку вистина

било кој за напаѓање

ви треба плашило за деца

некој што нема да ви биде зет или снаа

што не ќе може да се брани среќни што не е

ист како вас

некој виновен затоа што така велите

Нема да ви се допадне што ќе ви речам

колку сте за жалење

не знаете ни што правите ни за кого

се упропастувате

немаме оправдување зашто сите сме во право

сите сме убедени колку сме независни

полни со разбирање толку фини и сакаме

сите да сакаат да се како нас

така посебни и единствени како сезонска

боја и модел на маици фризури

и у пичку матер што уште не

Сакате ли да им речам на вашите гледачи

колку сакаат да бидат систематски излажани

иако тоа го знаат се прават како не

забележуваат а и ако конечно се замислат

како и зошто

ќе посакаат никогаш да не им паднало на ум

дека се претворени во обичен добиток

осигурени на минималец

на кои им се шиткаат евтин алкохол цигари

и најникаква дрога

квалитет и цена рака под рака

најникакво здравство и образование

и највозможни непријатели

сигурно некаде ги кријат тоа вонземјаните

утре задутре тие ќе бидат виновни за се што треба

Знам дека ќе го исечете ова

за некоја подобра прилика

немам многу против педерите но немам

ништо и за нив

зошто секогаш со нив ни го одвлекувате вниманието

од особено важните проблеми

никогаш нема да ни се објасни зошто

сметките толку упорно се покачуваат

никогаш нема да ни се рече како се искрадоа

толку фирми

вашиот потрчко газда под итно би ви дал отказ

знам знаеме и знаете

Вам ви требаат луѓе кои се разбираат од се

некој што ќе сочувствува и плаче

на секја епизода од вашите ексклузивни

серии

кој ќе користи што ти знам какви изрази кои

не му ги разбираат а и тој не ги разбира

но звучат умно и возвишено и понатаму

што е важно

илјадници темелно испрани мозоци со

факултетски дипломи селектирани

партиски етнички полово верски

поставени на готовс како темпирани бомби

пресметано прежалени за секој погоден момент

зашто така функционира ова

преноси од катарзични манифестации со

вековни традиции воведени годинава

ако не ви изгледа познато што ќе ве потсетувам

најпосле нас сите не очекува огромна награда

на небото

затоа изгледа повторно не верувам како што мислев

дека верував

ми беше речено дека би го оправдал и ѓаволот

а тоа значи дека кога да е

ќе престанам да бидам човек

а живи светци никому не се потребни

живите светци и вас ве прават непотребни

Ќе немаше топ листи ниту програми

со јавувања во живо

леле колку ве сакам најдобри сте kis4e

ако може Доказ од Цеца и да не јадете гомна

среде песна оти ќе ја снима

Онаа дечурлана што палеше петарди

ќе немав желба да им спикам по една

в уста за декорирана насмевка

и онака нив никој надлежен не би ги казнил

нема потреба никој да биде казнуван

според вакви несоодветни закони

донесени на ура

така било на некое друго место за каде

до неодамна ни требаа од триста кура

потврди и помеки и наоди и што знам друго

а наскоро пак ќе ни требаат

за да не гледаме какви сељаци ни се

продаваат за аристократи

од кои некои не си го знаат мајчиниот јазик

како што ние им го знаеме и обратно

и на кои морам да им се клањам

како да се пратени од Господ

и разбирам дека ги боли што и да е

кога дојдени овде на екскурзија

гледаат се што и кај нив дома

не им е за гледање

Ќе ви речам иако не ќе ви биде ќеф за тоа

дека програмската шема ви е тапа кога

едноподруго се емитуваат емисии за здравје

па емисии за готвење

па оние реклами во кои упорно ме убедуваат

како курот ми е мал а стомакот огромен

можам да бидам поочаен отколку што сакате

и бидете благодарни на тоа

зашто ако се ми беше во ред немаше

нималку да ми тежи да ви речам

како се е идеално и да ја поздравам

секоја сподоба од државниот врв

дека собирам сликички и автограми од нив

и како свршувам на помислата

колку сум среќен што сум се родил навреме

за да живеам на толку прекрасно место

во толку прекрасно време

во кое сите мои грижи се препуштени на нив

Мислам внимавајте мислам

луѓе доволно е за никаде

секој нареден ден се чувствувате како вишок

и чувствувате како глумите споредна улога

во вашиот живот

толку е патетично тоа љубов среќа здравје

пари бериќет и на комшијата козата да му пцојса

барем стојте исправено кога го кажувате тоа

не изгледајте уплашено

јас ве сакам такви а не тие

знајте дека некогаш ќе треба да се рече Не или Да

некогаш не учеа дека животните не умеат да мислат или зборуваат

знајте животните не умеат да лажат

судбина

// декември 28th, 2011 // 2 Comments » // лично, поезија

Ако се верува во судбина

нашата е како на рибите

движењата ни се

насекаде низ нас

кон родните места

кои ќе ги видиме

само за да стигнеме

навреме

на нашиот погреб

Ако

// декември 26th, 2011 // 2 Comments » // лично, поезија

Ако уште има место
покрај тебе
било да е покрај оган
или вода
ако уште има место
покрај тебе
чувај го во име на се
што ќе дојде
чувај го за уште едно
доаѓање
ако уште има место
покрај тебе
за да ги делиме залаците
и зборовите
и времето останато
за радост и плачење
ако уште има место
покрај тебе
за останување и за
сонување
за краток одмор
помеѓу секое бескрајно
љубење
ако уште има место
покрај тебе
за едно вечно живеење
само уште малку
почекај ме

В очи (поправена и поедноставена)

// декември 22nd, 2011 // 7 Comments » // лично, поезија

Знаеш ли

кога и да те погледнам

в очи

се чувствувам како да

сме воделе љубов

до пред една

секунда

и потоа можеме

да се галиме лежејќи

под иста покривка

во ист кревет

гледајќи низ прозорецот

како ноќва меѓу голите

гранки на црницата

паѓа снег

и барем на неодредено

време

ништо друго

да не ни биде

важно

В очи (официјална)

// декември 22nd, 2011 // 5 Comments » // лично, поезија

Знаеш ли

кога и да те погледнам

в очи

се чувствувам како да

само што сме воделе

љубов

и потоа можеме

да се галиме лежејќи

под иста покривка

во ист кревет

гледајќи низ прозорецот

како ноќва меѓу голите

гранки на црницата

паѓа снег

и барем на неодредено

време

ништо друго

да не ни биде

важно

Дека…

// декември 20th, 2011 // 5 Comments » // лично, поезија

Имаше толку нешта што требаше да се речат

уште пред првиот збор

уште пред да ти кажам уште пред да те прашам

знаеш ли дека пушењето е штетно за здравјето

Дека целиот живот ќе го минувам

во потсетувања секој поединечен

секој следен ден

дека наместо заборавот постои неуспех

да се сетам што и како ќе биде

и тоа ќе ме поштеди од предвидливоста

Дека благодарение на тебе

се движам иако изгледа како да стојам

и дека никој што уште располага со диплома

не ќе се нафати во објаснување како е тоа можно

Дека е тоа така едноставно

но напишано не ќе се изрече а кажано

ќе остане во усни преданија

како сум останал збунет и мојот јазик

врзан во непарен број на јазли

можел да зборува само на полна месечина

и во тоа изгребано огледало

ги гледав своите болки како низ

толку човечки измислици

Дека многу нешта беа полесни

од тоа да те сакам

полесно беше да се падне на испит или положи

од првпат

полесно беше и да се прогласиш за

последниот потомок на Кој И Да Беше Петти

од чист ќеф

а ти секогаш беше задоволство над неколку други

и твоето објаснување значеше ризик за

единица по биологија физика хемија

и секој предмет за кој добивавме оценка

те имаше изопштено од својата област

Дека на незнаено отсекогаш макар и несвесно

сум бил усмерен кон слободна уметност

и секој привремен интерес и вечна дарба

всушност биле помошно орудие

во потрага по тебе

Дека затоа изгледам божем помал од тебе

дека не сакав да се родам

пред да се родиш

на оние Горешници

од кои наваму ја прогласив твојата ера

Дека крајот не е крај ако од него нешто

не почнува

и дека таков крај има само еден

и нашиот крај е некогаш и некаде заборавен

Дека ќе немам со никого да те делам

дека ќе ми станеш што не се замислува

вечно младо вино и секогаш неразводнето

зашто инаку никогаш не би научил да те пијам

Дека ќе те барам и кога самата ќе ми се

покажеш

верувајќи дека ти си навистина ти

дека едвај би си верувал на себе

во страв дека веќе масовно

те копираат

Дека не ќе знам што да направам

а да не бидеме обајцата повредени

дека ќе мислиш дека не те сакам

и дека сите меридијани меѓу мене и тебе

никогаш не биле само едно пладне

кое сигурно ќе дојде и тогаш стравот

ќе биде усмерен право нагоре

како громобран

Дека можеш да блескаш во темна темница

бивајќи нов систем за степенување на

придавките

дека си врата низ чија клучалка

ѕирка бескрајот

ѕиркајќи се ѕверевме око в око со него

се натпреварувавме кој подолго нема да

трепне

Дека многу нешта би можел да прежалам

и дека те преживувам носејќи ја земјата

под нозете и на рамењата

носена како што се носи заслужено име

кое не се кажува на секого

дека во твојата сенка ќе останам неразболен

сонувајќи како те сонувам

и дека кога ќе те прегрнам веќе невидлива

за сечии очи

ќе те барам низ себе во сите идни векови

Дека непрестано ќе си ги пресекуваме

орбитите и дека нашите средби потоа

толкувани од недоволно искусни астролози

ќе бидат основа за едно необјавливо

откровение

зашто епохата ќе биде вистинска а

интересите нема да се погодуваат

Дека понекогаш ќе се поздравувам со

огледалото

и дека тоа ќе ми одговори

дека ќе ги изгледам сите жени

со кои ќе се разминувам можејќи да си

ја пробам среќата и несреќата

споредувајќи те и кажувајќи им

дека таа не е ти

Дека немаш ништо поврзано со тебе

а да не можам да му најдам

некаков недостаток

дека ќе ме прекинеш со зборовите

дали е тоа можно

ти не ме познаваш зошто ме

величаш толку

и пак ќе немам што да ти речам

на тоа

Дека ми било срам да ти кажам

што беше неопходно да знаеш

како жена

дека кога ќе тонам во тебе сигурно

ќе се удавам

пропаѓајќи со погледот пуштен

нагоре кон синилото на се што бев

и знаев

бивајќи твој

и потоа променет и роден од тебе

со сосема нови податоци да продолжиш

да ме сакаш

Дека релјефот на твојата кожа

како новооткриен континент со сите

свети врвови и нишани на

изминатите поколенија

сите нежни превои од изобилството

на твоето величество Жена

не ќе можам да ги доистражам

ни заради почести ни заради

било што научно

дека нема да посакам ни помалку

ни повеќе од тоа

со тебе никогаш повеќе

да не зборувам за љубов

додека можам зборот да го претворам

во живот